
Натпреварот меѓу Шкупи и Баскет Дино од Кочани од Третата кошаркарска лига на Македонија ќе се игра со хуманитарен карактер. Влезот на натпреварот кој се игра утре ќе чини 100 денари, а сите собрани средства ќе бидат донирани за настраданите од големата трагедија која се случи во дискотеката во Кочани.
Натпреварот ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје, со почеток од 19 часот.
Екипата на Дино Баскет која се натпреварува во македонските првенства повеќе од една деценија, загуби млад и талентиран кошаркар, а шефот на стручниот штаб и уште еден кошаркар се борат за своите животи.
Екипите на Шкупи и на Струмица Ролинг, преостанатите противници на Дино Баскет до крајот на натпреварувачката сезона во Третата лига, ќе ги организираат натпреварите на домашен терен во знак на солидарност, поддршка и помош кон кошаркарскиот состав од Кочани.
Натпреварот меѓу Струмица Ролинг и Баскет Дино е закажан за сабота 29 март со почеток од 18:30 часот, истиот ќе се игра во спортската сала „Парк“, а собраните средства од билетите ќе бидат донирани за настраданите во Кочани, а ќе бидат поставени и кутии за донации.
Александар Ванев, М-Нет