Атлетико со 13 гола го распадна Борец, Вардар го среди Кочани, Плачковица го освои Охрид!

ФОТО: Телевизија М Нет

Лидерот во Втората женска фудбалска лига, екипата на Атлетико од Битола со убедливи 0:13 среде Велес го распадна Борец кој беше инфериорен противник, во меч од 12. коло.

Сосема беше очекувана победата за гостинот од Битола, кој дома си оди со нови три бодови на своето конто и останува максимален на врвот од табелата.

Вардар без проблеми го декласираше Кочани со 3:1 со што вардарки остануваат на второто место, па меѓусебниот дуел со Атлетико ќе решава кој ќе биде шампион и директно ќе патува во Прва лига, а кој ќе игра бараж за влез во елитата.

Радовишка Плачковица го освои Охрид откако со 1:2 славеше над Билјанини Извори, со што радовишанки запишаа победа со која прават прогрес на табелата.

Победа Валандово на домашен терен дојде до триумф од минимални 1:0 над Порече од Македонски Брод, со што се одново Порече е на дното, а Победа се пробива во средишниот дел од табелата.

Лидер на табелата е Атлетико со максимални 36 бодови, Вардар е втор со 33 бодови, Плачовица е трета со 20 бодови, а пак Кочани е на 4. место со 19 бодови. На петтото место е Билјанини Извори со 12 бодови, Победа од Валандово е шеста со осум бодови, Борец е седми со 7 бодови, а на дното е Порече со шест бодови.

Александар Ванев, М-Нет