
Три пристапни улици во рамки на станбените згради во штипската населба Автокоманда денеска добија асфалт. Увид на активностите изврши и градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека ова е долгогодишно барање на жителите, бидејќи овие улици не се реконструирани повеќе децении.
„Во изминатите денови се работеше на припрема за нанесување асфалтна маса на неколку пристапни улици до влезовите од станбените згради во оваа населба. Денеска се нанесува асфалтната маса, три пристапни улици се опфатени, а барањето е долгогодишно, затоа што овие згради се од минатиот век. Оттогаш, па до денес пристапните улици се оштетени и денес, конечно, се уредуваат согласно со барањето и потребите на граѓаните“, вели Јорданов.
Градоначалникот посочи и дека заедно со ЈП „Исар“ ќе го уредат просторот за зеленило околу зградите. Ќе се постават клупи, урбана опрема, а ќе се одржува и уредува за помодерен лик. Дополнително, овде остануваат уште неколку улици за реконструкција.
„По завршување на овие активности, во населбата Автокоманда ќе останат уште неколку улици коишто се во план да бидат реконструирани. Главен приоритет е улицата „Широк дол“, каде што треба да се заврши промената на водоводната и канализациона линија, а потоа и асфалтирање, исто така и улицата „Цвета Јованова“, како и „4 Јули“, која исто така е во рамки на оваа населба, а има потреба од промена на подземната инфраструктура. Дел од овие улици ќе бидат завршени до крајот на оваа година, други на почетокот на следната и очекувам со овие три улици населбата да биде целосно реконструирана“, додава Јорданов.
За асфалтирањето на трите пристапни улици, Општината од својот Буџет потроши околу 1 милион денари, пари преку Програмата за уредување на градежно земјиште.
Ребека Спасова М-Нет