
Штипската населба Балканска денеска доби неколку асфалтирани улици. Станува збор за активност во рамки на Програмата за уредување на градежно земјиште, а истата освен во оваа населба во моментов се реализира и во други приградски населби во Штип.
„Целта е урбанизирање и секаде каде што има потреба, согласно со планот на Општина Штип, согласно со Програмата за уредување на градежно земјиште, да се асфалтираат местата коишто досега никогаш не биле асфалтирани, а таква е состојбата и во населба Балканска, но не само овде продолжуваме во наредните денови и во Караорман, Железничка, Лакавица и во други населби, каде, навистина, има потреба од асфалтирање на улици“, истакна Јорданов.
Градоначалникот Јорданов додаде дека Буџетот определен за Програмата се распоредува рамномерно во сите населби, а во насока на задоволување на потребите на граѓаните.
„Се трудиме Буџетот со кој располага Општината, односно парите на граѓаните, рамномерно да го распределуваме во сите населби во нашиот град. Повеќе од 1 милион денари денес ќе бидат инвестирани во асфалтирање на овие краци и пристапни улици. Во населбата Балканска во завршна фаза е и спортското игралиште за мал фудбал и кошарка, коешто очекувам во наредните денови веќе да биде ставено во функција“, додаде Јорданов.
Во претходна прилика Јорданов посочи дека во населбата Балканска се инвестираат нешто повеќе од два милиони денари. Во сумата се вклучени спортскиот терен и асфалтирањето на улиците, а ќе се работи и на осветлување на делови од оваа населба.
Ребека Спасова М-Нет