
Градежни работи за асфалтирање денеска се одвиваа и на улицата „Јаким Стојков“ во штипското централно градско подрачје. Увид на активностите изврши штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, кој најави нивно завршување до крајот на денот.
„Улица којашто претходно беше со коцка и бетон, а денес се нанесува асфалтна маса. Станува збор за еден тешкопристапен терен, но, еве, очекувам во текот на денот да се изасфалтира целата предвидена површина и пристапите до овие куќи да бидат овозможени со нова асфалтна маса и завршување во текот на денот“, рече Јорданов.
Освен овде, градежни работи ќе има и на други локации во градот. Јорданов најави дека до крајот на неделата ќе биде асфалтиран и новиот мост на река Отиња кај Гимназијата, со што од следната недела би требало да биде во функција.
„По завршување на оваа позиција, ќе се пристапи кон асфалтирање на улицата „8 Април“, како и улиците коишто се веќе обработени и припремани за асфалтирање, како што е предвидената улица во Градскиот стадион, дел од конзолата на река Отиња и асфалтирање на мостот на река Отиња којшто очекувам до крајот на оваа недела да биде веќе финализиран“, додаде Јорданов.
Вкупната инвестиција издвоена од општинскиот буџет за улицата „Јаким Стојков“ е нешто повеќе од 1 милион денари.
Ребека Спасова М-Нет