
Со порака за единство, зачувување на верата и почит кон историското наследство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан упати Илинденско послание по повод големиот празник Илинден.
Во посланието, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија потсетува на значењето на празникот, кој ги обединува духовната традиција и историската борба на македонскиот народ за слобода.
Архиепископот г. г. Стефан посочува дека Илинден не е само празничен ден, туку спомен и завет од предците, кој треба да биде поттик за зачувување на вредностите – верата, правдата, честа и достоинството.
Во посланието се нагласува и значењето на трите Илиндени – Илинденското востание од 1903 година, АСНОМ од 1944 година и независноста од 1991 година, како историски настани кои оставиле траен белег во македонската историја.
„Слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг кој треба да се чува“, се наведува во пораката, со апел за единство и заедничко градење на иднината.
Во празничното обраќање, Архиепископот се осврнува и на улогата на Црквата низ историјата, нагласувајќи дека таа била чувар на верата, културата, писменоста и националната свест на македонскиот народ.
Посланието завршува со молитва за вечен спомен на сите кои се жртвувале за слободата на Македонија и со благослов до граѓаните по повод празникот Илинден.
Дајана Сандева, М-Нет