Антикорупциска треба да има нов состав од февруари, Ивановска апелира навремено да се избере

Антикорупциска од 8 февруари 2024 година треба да има нов состав. Мандатот на актуелните членови на Комисијата завршува на 7 февруари 2024 година и тие согласно со Законот немаат право на повторен избор, ниту на продолжување на мандатот до избор на нова комисија. Актуелната претседателка, Билјана Ивановска, апелираше на навремено избирање на новиот состав.

„Согласно со Законот, три месеца пред истекот на мандатот треба да започне процесот на избор за нови членови на Комисијата и ние тоа го споделивме со Комисијата за избор и именување во Собранието на Република Северна Македонија. Разговаравме со нив и им укажавме дека Законот предвидел доволно време, три месеца, и со време да се почне постапката за да не дојде во ситуација институцијата да биде без Комисија“, вели Ивановска.

Доколку постапката не се заврши навреме, вели Ивановска, тоа ќе биде лош сигнал не само за граѓаните и меѓународната заедница, туку особено оти наредната година ќе има претседателски и парламентарни избори во кои тие како Комисија имаат задача за следење на изборниот процес и изборните кампањи. Ивановска смета дека овој состав постигнал добри резултати.

„Мислам дека постигнавме добри резултати, имајќи предвид дека оваа институција претходно имаше негативни оценки од страна на Европската комисија. Доволно е да ги погледнете оценките, таму се бележи нашиот резултат. Јас лично сум задоволна од аспект на тоа што ние пола мандат го поминавме со непроменети услови на работа, во однос на претходната Комисија, а додовме многу поразлични резултати. Отворивме горливи теми, коишто тежат на ова општество“, вели Ивановска.

Проблемот, вели Ивановска, е што тие не се последната институција во системот. Смета дека оние кои се по нив не ја довршиле работата и тука системот попуштил.

Ребека Спасова М-Нет