АНКЕТА: Кој ќе биде нов тренер на Брегалница: Кузманов, Сенев, Варадиновски, Грнев или Костов?

Штипскиот прволигаш Брегалница и тренерот Горан Здравков спогодбено се разделија, а тоа значи дека „сините“ борбата за опстанок во елитата ќе ја водат со нов тренер.

Пред наследникот на Здравков ќе биде навистина тешка задача, бидејќи Брегалница е на дното од табелата, а веќе овој викенд штипјани на домашен терен ќе играат против Шкупи.

Од клубот информираа дека веќе работат на изнаоѓање на решение и во следните денови треба да го назначат новиот кормилар, но кој ќе биде тој?

Пет фудбалски стратези се вратат веќе како можно решение за Брегалница, а тројца од нив се без тренински ангажман, но дали би биле подготвени да ја „вадат“ Брегалница од тешката ситуација.

Никола Кузманов, Трајче Сенев, Иван Варадиновски, Емил Грнев и Влатко Костов се можните решенија за Брегалница, доколку раководството се одлучи да ангажира штипски стратег.

Кузманов е без тренерски ангажман, последно ја водете Слога од Виница и беше на чекор да ја внесе Слога во Прва лига, но реши да се повлече од тренерското столче. Кузманов е поранешен тренер и на Брегалница.

Сенев неодамна остана без тренерски ангажман, откако одлучи да се повлече од тренерското столче во Кожуф. Сенев кога пристигна во Гевгелија го стабилизираше клубот, но потоа и го издигна и го направи стабилен второлигаш, а во Гевгелија големи клубови ја „губеа главата“. Сенев е поранешен тренер на Осогово, Кит Го Пехчево, Силекс, Баби и Брегалница од Штип.

Варадиновски моментално е тренер на Детонит Плачковица и дефинитивно овој млад стратег пишува историја со фудбалот во Радовиш. Детонит веќе ја испиша историјата како клуб кој на домашен терен има 11 до 11 и максимални 33 бодови, но и неверојатна гол разлика од 24 постигнати и ниту еден примен гол. Ова е веќе голем успех за Детонит, но и за младиот тренер Варадиновски, кој претходно беше и тренер на Саса и Кит Го од Пехчево.

Можно решение за Брегалница е и Емил Грнев, поранешен тренер на Кит Го, но и Брегалница, тренер кој моментално е без тренерски ангажман и кој би можел да го превземе клубот веднаш, но со тежок предизвик да се избори опстанок.

Костов е во можна комбинација за тренерско решение на Брегалница, но моментално Костов е кормилар на Пелистер, со кого има успешни резултати и оди сигурно кон промоција во Првата лига. Костов е искусно име во мак-фудбалот, а во минатото ги водеше Тиквеш, Ренова, Брегалница, Работнички, Хоризонт Турново, Велазерими, Милано Куманово, Саса, Осогово, но и како асистент во македонската репрезентација на Македонија до 21 година, како и во А репрезентацијата на Македонија, но имаше и меѓународна кариера во Ал-Раед во Саудиска Арабија.

Од овие пет фудбалски стратези, двајца имаат тренерски ангажман во моментот, Костов и Варадиновски, а пак тројца се без тренерски ангажман односно Грнев, Кузманов и Сенев.

Анкетно прашање на телевизија М Нет: Кој ќе биде нов тренер на Брегалница и кој би можел да го прифати предизвикот да ја спасува Брегалница во „5 до 12“?

Александар Ванев, М-Нет