Ангелов: Нема потреба за кризна состојба во моментов!

Нема потреба за донесување кризна состојба.  Ова утринава го одлучи Групата за процена, а на денешната прес – конференција истото го соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. По пожарите кои беснееа без малку на целата територија на државата, тој рече дека постои можност за донесување кризна состојба. Сепак, утринава одлучено беше кризна состојба да нема.

„Денес во девет часот седница одржа Групата за процена, којашто е составена од директорите на разузнавачките и контраразузнавачките служби, директорот на Бирото за јавна безбедност, како и директорите и заменик – директорите на ЦУК и на ДЗС. По опсежна расправа, по разгледување на актуелната состојба со пожарите, едногласно одлучивме дека нема потреба од прогласување на кризна состојба. Но ќе бидеме во постојано заседание и доколку работата тргне на полошо, набрзина ќе одржиме седница на којашто ќе побараме да биде прогласена кризна состојба на дел од територијата на државата, онаму каде што е зафатена со пожар“, рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Ангелов истакна дека причината за ова била наредбата на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, за употребата на Армијата, и на копнените сили, и на воздухопловниот тим. Со тоа можат да се користат сите нивни расположливи ресурси, а и каналите за меѓународна соработка функционирале добро без прогласување кризна состојба.

Лаура Стојанова МНет