
41.роденден на Проески, 41 година откако земјава доби ѕвезда, која речиси три децении се слуша во сечиј дом. Роден во Прилеп, но со слава низ земјава и Балканот. 25 јануари останува роденденски ден на една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Од „Златно славејче“ и „Мелфест“ до „Беовизија“ и „Евровизија“. „Чија си“, „Ангел си ти“, „Малечка“, „Тајно моја“ зрачеа и тогаш, зрачат и денес како безвременски хитови, евергрини и сведоци за ангелот кој земјава и Балканот го изгубија.
Граѓаните Тоше Проески ќе го паметат по секоја нота и секој стих од неговите песни, но и по добрината, карактерот, мудрите зборови, по тоа што беше вистински човекољубец, човек кој ги љубеше луѓето и Бог. Анкетираните штипјани велат дека Тоше беше и сѐ уште е пример за тоа како треба и ние да постапуваме. Согласни се дека треба многу повеќе да се направи за да ѝ се оддаде почит на најголемата ѕвезда на музиката и добробитта.
„Тајно моја“, „Кој ли ти гризе образи“, „Соба за тага“, „Боже, чувај ја од зло“, „Игри без граници“ и уште десетици мелодии и илјадници ноти ќе останат запечатени во сеќавањата на постарите и помладите генерации. На овој ден одекнува неговата познатата реченица „Ве сакам сите!“.
Ребека Спасова М-Нет