Анализите покажаа исправност на водата од ХС Злетовица, се договара последниот документ

Официјално пристигна резултатот за исправност на водата од ХС Злетовица. Во следните неколку дена ќе се заврши документацискиот дел за спороведување на водата за штипјани. Потоа ќе следи тест – период, па Општина Штип ќе потпише договор со јавното претпријатие. Градоначалникот, Иван Јорданов, одржа средба со претставници од јавното претпријатие „ХС Злетовица“, чија тема беше усогласување на договорот за преземање вода од хидросистемот.

„Можам да споделам со јавноста дека официјално го добивме резултатот за исправност на водата од ХС Злетовица. Следно коешто треба да го проследиме е технички прием на филтер станицата, донесовме одлука на Совет. Се чека исто така и дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство, јас се надевам дека во наредните неколку дена овие процедури ќе бидат завршени“, истакна Јорданов.

Од јавното претпријатие „ХС Злетовица“ истакнаа дека се подготвени да дистрибуираат вода на штипската филтер станица откако ќе се усогласи договорот. Како што велат од таму, со намера да се тестира филтер станицата тие уште од месец септември, претходната година, континуирано дистрибуираат вода.

“ХС Злетовица е подготвен да дава вода на ЈП „Исар“ од Штип, бидејќи ние од 15 септември сме во припремен период во којшто континуирано дистрибуираме вода за потребите на тестирањето на филтер станицата. Во моментов го усогласуваме договорот за преземање сирова вода од ХС Злетовица за да може од правна основа да земаат вода“, вели Миле Илиевски, директор на ЈП ХС Злетовица.

Сметките за струја на штипското комунално претпријатие „Исар“ значително ќе се намалат откако со новата филтер станица ќе се добива и дистрибуира вода од ХС Злетовица до крајните корисници. Во однос на другите општини, Општина Карбинци до летниот период треба да ја заврши изградбата на цевководот за филтер станицата, а Општина Лозово преку тендер ќе избира кој ќе гради филтер станица. По завршувањето на градежните активности и овие општини ќе може да се снабдуваат со вода од ХС Злетовица.

Ребека Спасова М-Нет