
Поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство Делчево од страна на здружението „Гласен текстилец“ Штип за повреда на право од работен однос и фалсификување на исправа. По две години водење на оваа постапка ,сепак правдата е задоволена, вели претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева. Ова е првата поднесена кривична пријава во текстилната индустрија.
„Здружението „Гласен текстилец“ поднесе кривична пријава до ОЈО – Делчево против Соња Дамјанова, управител на Аледам Фешн Делчево и Палтекс АД Делчево за кривични дела ,,Повреда на права од работен однос “ по чл. 166 од КЗ на Р. С. Македонија и ,,Фалсификување на исправа” по чл. 378 ст. 1 од КЗ на Р. С. Македонија. Иако постапката се водеше од 2020 година, сепак еве, конечно, правдата излезе на виделина и можеме да кажеме дека ова е прва кривична пријава во текстилната индустрија. Станува збор, работничка којашто беше упорна да си ги добие своите права и којашто се побуни против злоупотребите коишто ѝ беа направени. Ова е пресуда само од Основен суд – Делчево, понатаму не знаеме дали ќе се жали јавниот обвинител или оштетената. Меѓутоа, ова е првична пресуда и ова е позитивно“, вели Ампева.
Истовремено, денес пристигна и известување од Основното јавно обвинителство – Штип каде е поднесено обвиниение против управител на конфекција во Штип.
„Овде се работи за намерно предизвикување на стечај. Ќе ја почекаме целата судска постапка, меѓутоа со самото тоа што ОЈО за првпат ни одговара позитивно по однос на ваков член од Кривичниот законик нам ни влева доверба. Треба да им влева доверба и на работниците и на работничките. Со ваквите кривични постапки треба да се намалат злоупотребите на грбот на работниците коишто се случуваат со децении“, додава Ампева.
А Законот предвидел и казни за ваквите случаи во кои се прави злоупотреба на работничките права.
„За кривично дело „Повреда на право од работен однос“ по чл. 166 ст. 1 од Кривичниот законик законодавецот предвидел парична казна или казна затвор од една година, додека за кривично дело „Фалсификување на исправа“ по чл. 378 ст. 1 од Кривичниот законик законодавецот предвидел парична казна или казна затвор до три години“, објаснува Иван Николов, правник во „Гласен текстилец“.
Во случајот со кривичната пријава во Делчево, Судот изрече казна од 500 евра во денарска противвредност за кривичното дело „Повреда на право од работен однос“ и исто 500 евра во денарска противвредност за кривичното дело „Фалсификување на исправа“.
Лаура Стојанова М-Нет