АМАТЕРСКА ЛИГА: Гевгелија е нов член на Првата македонска лига!

Денеска во салата „26.април“ во Гевгелија се одигра третиот натпревар од финалната серија на плеј-офот за пополување за место во Првата македонска лига, помеѓу екипите на КК Гевгелија и КК Шар Планина од Гостивар.

Во коректен и неизвесен натпревар, победата ја извојува екипата на Гевгелија, која на тој начин со резултат (2-1) ја затвори серијата и се избори за прволигашки статус во наредната натпреварувачка сезона.

ГЕВГЕЛИЈА – ШАР ПЛАНИНА  67:56 (2-1)

Гостите од Гостивар одиграа подобро во првите десет минути од оваа „мајсторка“, го решија во своја корист првиот период со резултат (18:15).

Но во вториот, се беше поинаку…

Десет минути од финалето во кои гевгелчичани остварија потполна играчка, и резултатска доминација. Во тој дел од играта домашната екипа не само што направи комплетен резултатски пресврт, туку обезбеди и двоцифрена предност на полувремето (38:27).

Одиграа со максимален ангажман и во продолжението од натпреварот, особено во одбраната, и веќе по три одиграни четвртини нивното водство беше уште повисоко (51:36), и недостижно за екипата на Шар Планина.

Колев, со 15 реализирани поени го предводеше победничкито тим. Божинов и Старделов додадоа по 12, Костадинов уште 10, а Лазаревски го заврши мечот ос осум поени.

Во екипата на Шар Планина, најефикасен беше Балоски, кој запиша 23.поени, Лаковски имаше 17. А Србиновски уште 11.поени.

Со овој успех во финалната серија (2-1), екипата на Гевгелија од наредната сезона ќе биде член на Првата македонска лига. (КФМ)