„АЛТА банка“ ги отвара и партиските досиеја, од Зечевиќ до баџанакот на Тошковски, кој ја надгледува банката, а кој го одобрил преземањето, прашуваат од Левица

Случајот со „АЛТА банка“ Битола ја отвори целата историја на политички и деловни поврзувања и во банкарскиот сектор. Додека граѓаните се принудени да располагаат со ограничени износи од сопствените средства, СДСМ и ДПМНЕ разменуваат обвинувања, а во историјата на банката се појавуваат имиња од различни политички гарнитури, поранешни високи функционери и лица со објавени деловни врски со влијателни бизнисмени, истакнуваат во партиското соопштение од Левица.

Јавноста, додаваат од партијата, има право да знае кој управувал, надгледувал, кој ги одобрувал кадровските решенија и кој ги проверувал ризиците пред банката да заврши под тримесечна администрација.

„Поранешниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, бил претседател на Надзорниот одбор на тогашната Стопанска банка Битола. Во Надзорниот одбор во 2025 година членувал и Антони Пешев, поранешен министер во влада предводена од СДСМ.

Особено внимание заслужува Стевчо Јолакоски (веќе познатиот баџанак на Тошковски, вработен во Министерството за транспорт и врски којшто скандалозно беше избран за доцент на Факултетот за безбедност во Скопје “победувајќи“ студент на генерација). Јолакоски бил член на Надзорниот одбор од септември 2024 година и, според годишниот извештај, присуствувал на 32 седници во 2025 година, кога се реализирало преземањето од српската „АЛТА банка“.

Од Левица посочуваат дека во оваа кадровска хронологија е и Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ДПМНЕ и поранешна вицегувернерка на Народната банка.

Според Левица таа уште од јануари 2023 година била ангажирана како советничка за стратешки работи на Управниот одбор на Стопанска банка Битола, а во ноември 2025 година била донесена и одлука за нејзино именување во Управниот одбор, која набргу потоа била повлечена.

„Само неколку месеци подоцна, во август 2026 година, медиумите објавија дека Владата на ДПМНЕ ја тргна од очите на јавноста и ја именуваше за претставничка во Светската банка во Вашингтон.

Кадровската мрежа во „АЛТА банка“ дополнително се разгранува кон добро познати имиња од времето на Груевски, Мијалков и Камчев. Во раководството на банката се појавува Лидија Неделкова од груево време на сваровски судство, поранешна претседателка на Кривичниот и Врховниот суд, која беше разрешена од судиската функција, а потоа станала директорка на Секторот за правни работи и решавање на проблематични пласмани. Неделкова била и членка на Одборот за наградување. Тука е и Марјан Закев, директор за организација и информатичка технологија и заменик-претседател на Одборот за надгледување на информативната технологија, спомнуван со сопственички и управувачки врски со компании поврзувани со „Ексико“ и деловниот круг на Сашо Мијалков и Орце Камчев. Во менаџментот фигурира и Наташа Савова, директорка за маркетинг, поранешна пратеничка на СДСМ и шефица на кабинетот на Бранко Црвенковски, блиска на Камчев и неговите деловни кругови.

Несомнено, најголем товар на одговорност паѓа врз вмровскиот гувернер Трајко Славески. Славески мора да објасни какви супервизорски проверки биле вршени во неговиот мандат, какви информации добивал од српските регулатори и зошто ваквото драстично ограничување на располагањето со депозитите било избрано како заштитна мерка додека тој уверува дека банката е ликвидна“.

Одговорите, подвлекуваат од Левица, мора да бидат поткрепени со датуми, решенија, извештаи и законски основи, коишто и по огромни реакции – сѐ уште се кријат од јавноста.

Случајот со „АЛТА банка“ како што оценуваат во партијата на Апасиев, отвора многу поголем проблем со ваков заплет, затворените политичко-финансиски кругови кои со децении опстојуваат под заштита на различни власти.

„Се менуваат влади, партиски раководства и гувернери, а истите имиња и деловни интереси повторно испливуваат во управувачките структури, финансиските институции и центрите на одлучување. Додека на граѓаните им се ограничува пристапот до сопствените пари, од јавноста се бара слепа доверба во институции кои не ја објавуваат целосната документација за своите одлуки. Кој кого поставувал, кој кому давал согласности, кој ги проверувал сомнителните финансиски текови и кој имал интерес од ваквите кадровски комбинации“.

Левица бара целосно отворање на документацијата и утврдување на индивидуалната одговорност, од првото именување до последната супервизорска одлука.

„Партиските и деловните биографии се јавни, последиците ги трпат граѓаните, а документите што треба да ја расветлат одговорноста остануваат зад затворени врати. Токму тие врати мора да се отворат“.

Текстот „АЛТА банка“ ги отвара и партиските досиеја, од Зечевиќ до баџанакот на Тошковски, кој ја надгледува банката, а кој го одобрил преземањето, прашуваат од Левица е превземен од МАКФАКС.