
Дивите депонии во Трајаново трло во Општина Кочани се се почести, а дел од граѓаните постојано алармираат на проблемот. Меѓутоа, по изминувањето на викендов сликата е сосем поинаква. Наместо граѓаните да бараат од надлежните решавање на проблемот, надлежните беа на лице место каде се фатени граѓани кои придонесуваат за создавање депонии, загадување на животната средина, но и на воздухот.
„Поради енормното загадување за време на викендот, по констатираните состојби од надлежните служби и по пријавите на граѓаните, денеска инспекциските служби, претставници од МВР, претставници од невладините организации, излегоа на терен со увид и опомени кон населението на локацијата „Кај антената”, во наслебата Трајаново Трло, кои интензивно палат кабли, гуми, воедно сочинувајќи дива депонија.“ – напишаа во писмено соопштени од Општина Кочани.
-Ја поздравуваме оваа акција да се решат дивите депонии и да се прекине со палење на гуми, кои многу го загрозува здравјето на луѓето, не само во овој крај, туку во цело Кочани. Вчера бевме втори по загаденост и националните медиуми се заинтересирани зошто е тоа така. И затоа мора да ги лоцираме сите кои го загадуваат воздухот – истакна Зоран Тодоров, претседател на ЗГ „Одбор за здрав живот во Кочани”.
Сторителите се фатени на лице место од страна на иснспекциските служби и од страна на инспекторот за животна средина од Општина Кочани е издаден прекршочен платен налог. Ваквите прекршочни ситуации најмногу се застапени за време на викендите или во доцните вечерни часови.
Екипите на КЈП „Водовод” – Кочани ќе пристапат кон расчистување на дивата депонија и поставување контејнери и ознаки за забрането фрлање смет. Воспоставена е и дежурна екипа со инспекциски служби коишто ќе бидат на терен и после работното време, се со цел да се спречат ваквите причинители кои енормно го загадуваат воздухот.
Од Општина Кочани апелираат да се пријавуваат сите прекршители на Законот за животна средина, и се разбира, свесно и одговорно однесување кон околината од страна на сите жители.
Лаура Стојанова МНет