Ако се случи сообраќајка со возачка без „Северна“, осигурителните компании нема да исплатат отштета

Ако возите со возачка дозвола со името Република Македонија и дојде до евентуална сообраќајна несреќа, ќе мора да ги сносите последиците околу евентуалната штета поради невалидната возачка дозвола. Припадниците на МВР ќе сметаат како да немате возачка, а осигурителните компании ќе се повикаат на тоа дека документите се неважечки и нема вам да ви исплатат оштета. Министерството за внатрешни работи и официјално ја донесе одлуката дека од утре возачките дозволи коишто се со старото име на државата нема да важат ниту за внатрешна, ниту за надворешна употреба.

„Околу возачките дозволи, ги известуваме граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија. Согласно Законот за безбедност во сообраќајот, од 13.02.2024 година возачките дозволи коишто се со старото име повеќе нема да важат, ниту за внатрешна, ниту за надворешна употреба. Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија.“ – велат од Министерството за внатрешни работи.

Поголем дел од возачите во Штип ги имаат променето своите возачки дозволи, има и такви кои брзаат во последен момент да земат нова возачка со Република Северна Македонија, но од искуство велат дека се соочуваат со гужви и хаос. Оние кои ја немаат променето возачката сѐ уште очекуваат да видат дали ќе се промени оваа одлука.

Граѓаните реагираат се кршат основните човекови права и се крши правото на слобода на движење. На ова согласен е и техничкиот министер Тошковски, кој, пак, вели дека претходното раководство било несериозни, така што сега немаме обрасци за принтање. Пример, за пасошите, вели тој, останати се околу 5.000 македонски и 10.000 албански.

Ребека Спасова М-Нет