
Возачките дозволи без „Северна“ се со важност вечерва до полноќ. Вриат социјалните мрежи по ваквата одлука. Граѓаните револтирани, велат дека истата е нелогична, оти како што стои на дел од постовите казните ќе се плаќаат со банкноти на кои пишува Република Македонија.
Инаку, граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.
Личните карти пак без Северна, ќе важат и понатаму за внатрешна употреба, а останатите држави сами ќе носат одлука да може на нивна територија да се влезе со лична карта со старото име.
Во меѓувреме претседателот на државата Стево Пендаровски истакна дека Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот. Тој побара од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои учествуваат во сообраќајот на територијата на државата.
„Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава. Ги повикувам надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација“, нагласува Пендаровски.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.
Лаура Стојанова М-Нет