
Македонската Футсал репрезентација утре, вторник во Скопје ќе го одигра квалификацискиот реванш – натпревар со селекцијата на Србија. Ова ќе биде 4 коло од квалификациите за ЕП во група во која на првото место е БиХ со 9 бодови, а второто место го делат Романија, Македонија и Србија со по 2 освоени бодови. Македонија направи вистински подвиг во петокот во Врање кога успеа да одигра нерешено 1:1 со Србија која е многу повисоко рангирана од нашата селекција.

Селекторот Васко Скендеровски се надева на добра партија во реваншот во Скопје и со евентуална победа да дојде до второто место кое влева надеж за Европското првенство. Имено на Европското првенство ќе патуваат првопласираните репрезентации, потоа 6 најдобро второпласирани екипи како и победникот од баражот на рангираните 7 и 8 пласирани селекции од квалификациските групи. Натпреварот Македонија – Србија ќе се одигра во вторник во салата Јане Сандански во Скопје со почеток во 19.00 часот.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk