
Над 60% од полнолетно население во Штип е целосно имунизирано до сега. Акцентот е ставен на вакцинирање со трета доза со вакцината „Фајзер“, бидејќи и заинтересираноста е најголема, барем во вакциналниот пункт во Здравствениот дом во Штип. Граѓаните, пред сѐ повозрасното население се јавува за трета доза вакцина, а во вкупната бројка вакцинирани по третпат мал е процентот на здравствени работници кои ги исполнуваат условите за трета доза вакцина.
„Досега бројката надминува над 2000 наши граѓани вакцинирани со бустер доза. Тоа се претежно граѓаните кои се вакцинирани во месец мај со кинеските вакцини, а дополнително мал дел се и здравствени работници кои го исполнуваат условот за поминати шест месеци од „Фајзер“ и „Спутник“ вакцините“, истакна координаторката на пунктот за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова.
Нус-појави по вакцинирањето со трета доза вакцина се забележани кај дел од граѓаните, но појавите се очекувани, вели координаторката Коцева – Миланова.
„Досега имаме пријавено само локални реакција, болка во раката, црвенило кај некои лица и имаме пријавено еден случај со оток на лимфни јазли. Меѓутоа, тоа се очекувани реакции опишани во упатството на вакцината“, потенцираше координаторката.
Што се однесува на бројот на лица кои за прв пат примаат вакцина, истиот е без драстични разлики. Имено, дневно за првпат се вакцнираат од 20 до 50 граѓани. Нема заинтересираност од помладото население и покрај фактот дека во државата се повеќе деца се заразуваат со коронавирусот.
„Засега сѐ уште не, интересот за прва доза на овој вакцинален пункт е помеѓу 20 и 50 лица. Во поглед на старосната граница, помлади лица не се јавуваат, претежно се повозрасни лица изложени на ризик“, додаде Коцева – Миланова.
Според информации од Министерството за здравство, досега вкупно се аплицирани се 1.624.729 дози вакцини, а ревакцинирани се 778.482 граѓани, трета доза вкупно примиле 38.719 граѓани. Во државата 46% од полнолетното население е вакцинирано со две дози вакцина.
Ребека Спасова МНет