AРМ ќе прими нови 300 професионални војници, плата – 30.552 денари и висина над 160 цм

300 нови професионални војници ќе се примаат во македонската Армија, откако денеска беше објавен новиот Јавен оглас.

Од Армијата ги повикуваат сите млади граѓани кои сакаат предизвик, дисциплина и чувство на припадност, да ја искористат можноста и да станат дел од Армијата.

Како што се наведува во огласот, Армијата нуди стабилна и сигурна кариера, континуирана обука и личен развој, тимска работа и можност да се служи на татковината.

„Денеска го објавивме новиот Јавен оглас за прием на 300 професионални војници во македонската Армија. Ги повикуваме сите млади граѓани кои сакаат предизвик, дисциплина и чувство на припадност, да ја искористат оваа можност и да станат дел од Армијата.

Армијата нуди:

стабилна и сигурна кариера;

континуирана обука и личен развој;

тимска работа и вистински вредности;

можност да служиш на татковината со гордост!“, велат од министерството за одбрана

Инаку, рокот за пријавување е 15 дена вклучително и денот на објавувањето.

Кандидатите треба да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни ида имаат посебна здравствена и физичка способност.

Да имаат завршено средно образование, да не се постари од 25 години на денот на завршувањето на огласот за прием на професионални војници.

Работното време е од 08:00 часот до 16:00 часот. Платата изнесува од 30.552 денари па нагоре, со дополнителни над 13.000 денари за надоместокот на трошоци за станбено обезбедување.

Минималната висина на кандидатите за професионални војници да не изнесува под 160 см, а максималната висина да не надминува 200 см.

Иван Митев, М-Нет