Брегалница третиот круг во ВМФЛ – Исток го започнува со Каменица Саса а ќе го заврши со Тиквеш

Комисијата за натпревари при ФФМ го објави комплетниот распоред по Бергеровиот систем за третиот круг во Втората Македонска фудбалска лига. Во последните 9 натпревари од оваа првенствена сезона Брегалница на пет натпревари ќе биде домакин а на 4 средби ќе гостува. Третиот круг ќе започне со одигрување на 19 коло во сабота на 13 март со нов термин на почеток во 15.00 часот а на „градски“ во Штип ќе се сретнат Брегалница – Каменица Саса. Во Штип на „градски“ Брегалница понатаму ги очекува Победа, Росоман, Кожув и во последното 27 коло ќе се одигра големото дерби со тимот на Тиквеш. На гости Брегалница ќе се сретне со Слога во Виница, со Плачковица во Радовиш, со Осогово во Кочани и со Кит Го во Пехчево.

Пет натпревари на свој терен ќе одигра и тимот на Кит Го а на 4 средби ќе гостува, Каменица Саса 4 пати ќе игра дома а на 5 средби ќе гостува, Слога во Виница ќе игра на 4 средби а на 5 ќе гостува, Осогово во Кочани ќе одигра 5 натпревари на 4 ќе гостува, Тиквеш на 5 натпревари ќе игра во Кавадарци а на 4 средби ќе гостува, Кожув на 5 средби ќе биде домакин во Гевгелија а на 4 средби ќе биде гостин, Победа на 4 средби ќе игра во Прилеп а на 5 меча ќе гостува, Плачковица во Радовиш ќе одигра 4 меча а на 5 средби ќе гостува и тимот на Росоман на 4 средби ќе биде домакин а на 5 натпревари ќе гостува.

Последното 27 коло ќе се одигра на 15 мај во кое рековме на градскиот стадион во Штип со почеток во 17.00 часот ќе се сретнат Брегалница – Тиквеш по што ќе следи промоција на новиот член на Првата Македонска фудбалска лига. Брегалница во овој трети круг влегува со предност од 7 бодови пред Тиквеш и сите прогнози велат дека таа предност е голема и решавачка за новата второлигашка титула и пласман во Прва лига што ќе значи награда за самиот град во година кога Брегалница слави 100 години од своето постоење.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk