Одбојкарите на УГД Штип ги полнат батериите на подготовки во Пехчево

Младите штипски одбојкари десетина дена минуваат на подготовки во прекрасниот амбиент на истокот на Македонија во Пехчево. Новата пролетна сезона во Супер машката одбојкарска лига е на прагот и според зборовите на секретарот на клубот Методи Папаров неопходни се идеални услови за потполна спремност пред тешките пролетни искушенија.

Тимот на УГД Штип во Пехчево ја има на располагање и спортската сала за одвивање на тренинг под раководство на тренерот Ване Санев и на помошникот Љупче Зенделов. Како што е познато штипските одбојкари обезбедија пласман во 1/4 финалето на одбојкарскиот куп на Македонија и денес требаше да се одигра првиот меч со екипата на Вардар.

Поради подготовките во Пехчево куп натпреварот е одложен и се прават комбинации тој да се одигра во сабота. Имено во сабота постои можност да се одиграат две средби, најпрвин првенствениот натпревар со Дибра волеј а веднаш потоа и куп натпреватрот со Вардар. Но сето ова засега е како алтернатива а за точниот термин дополнително ќе информираме. Колку за потсетување штипскиот одбојкарски супер лигаш во пролетниот дел ќе разигрува за пласман од 5 до 10 место на табелата.