Градоначалникот на Општина Виница, Димитров позитивен на Ковид – 19

И покрај намалувањето на бројот на новозаболени лица од Ковид – 19, сепак опасноста не е далеку. Се преземаат секакви мерки и протоколи за заштита од ширење на ковид заразата, но таа држи своја позиција сеуште. Истата не бира место, време, ниту луѓе, може да заболи било кој и било каде. Токму и затоа, сеуште важат препораките од лекарите за носење маска, држење дистанца, и користење на средства за дезинфекција. Позитивен на Ковид – 19 е градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров. Со благи симптоми и по направениот ковид тест истиот информираше на социјалните мрежи дека е позитивен на корна вирусот.


„Во време на здравствена криза, чувствувам обврска, да ве известам дека по добивањето на благи симптоми и по направениот тест за Ковид -19, резултатот од моето тестирање излезе позитивен. Ве известувам дека, како општина, гарантирајќи ја здравствената сигурност на граѓаните, работните обврски, до завршување на периодот на лекување, ќе продолжам да ги извршувам од својот дом. Ова е доказ дека вирусот никого не остава имун, затоа, упатувам апел до сите: чувајте се, почитувајте ги мерките за заштита и придонесете за доброто во заедницата, заштитувајќи го колективното здравје.“ – изјави тој на својот фејзбук профил.

Според Министерот за здравство Венко Филипче, епидемиолошката состојба во државата е стабилна, бидејќи нема поголеми прекршувања на мерките за заштита од Ковид -19. Исто така се очекува крајот на јануари и почетокот на февруари да пристигнат и првите вакцини против Ковид-19 преку Ковакс механизмот, а за две недели се очекува да пристигне и лекот „Ивермектин“.

Лаура Стојанова М-Нет