Јубилејната сто годишнина на ФК „Брегалница“-Штип започна со првата прозивка на играчкиот кадар

Денес во просториите на градскиот стадион во Штип се одржа првиот работен состанок во новата година на раководството на ФК Брегалница, стручниот штаб и целокупниот играчки кадар.

На состанокот под раководство на шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски присутни беа дури дваесет и пет играчи кои се на располагање за пролетниот дел во Втората Македонска фудбалска лига во која тимот на Брегалница е на чело на табелата со бодовна предност од 7 бодови пред конкурентот Тиквеш од Кавадарци. По состанокот играчите и тренерскиот кадар го одржаа првиот заеднички тренинг на помошниот терен на „градски“.

Ексклузивно за Мнет ТВ шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски нагласи дека костурот на екипата на Брегалница е тука, единствено во овој преоден рок си замина Сашо Шопоски . На првиот тим се приклучени 8 млади играчи кои со својот раскошен талент се перспектива за штипскиот фудбал.

Брегалница подготовките ќе ги одвива до 3 февруари во Штип по што ќе се замине на 10 дневни подготовки во Дојран. Потоа тимот повторно ќе се врати во Штип до почетокот на пролетниот дел. Амбициите на клубот на сите им се познати, освојување на првото место во Втората лига и од тоа нема отстапување.

Веќе се договорени 7 контролни средби, термините и екипите ги објавивме во вчерашниот напис и останува Брегалница да го задржи досегашниот ритам и во оваа јубилејна сто годишнина од постоењето на клубот да ги израдува своите симпатизери со пласман во Првата фудбалска лига на Македонија.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk