Без реклама и промоција до подобрување на локалните проблеми во Општина Штип

Недостатоците во Општина Штип, за некој остануваат само недостатоци, а за други поттик да се промени нешто. После преземени 10тина проблеми на локално ниво, млади активисти од неформалната група „Арт Активизам“ – Штип, продолжуваат со реализација на разни проекти кои преставуваат придонес за Општина Штип.
„Досега опфативме 10тина проблеми , но ситуацијата со светската пандемија со Ковид – 19 не стави во незгодна ситуација. Немаше да биде фер да истакнувавме други проблеми(иако битни) па направивме и неколку активности за  големата стапка на заразени со корона вирусот и одговорноста која ја имаа граѓаните, носителите на одлуки, локалните и националните власти ,работодавачите и превозниците. Но после сите акции пак продолжуваме да истакнуваме и проблеми од други сфери.“ – стоеше во изјавата која ја добивме од оваа група активисти.
Оваа група активисти соработува со исто така други активисти како од Штип, така и од целата држава. Најмногу се соработува со уметници кои ни помагаат со инсталациите, како и со здруженија за специфични проблематики, – дознавме од нив.
„Имаме многу идеи за акции и активности. Како активистичка група најмногу делуваме брзо и интервенираме за проблеми кои се итни и треба да им се даде видливост. Но поважни ни се проблемите за кои сакаме долгорочни решенија. Може само да потврдиме дека во идниот период ќе има неколку акции кои ќе бидат интересни за кои ќе ве известиме.“
Последна нивна акција под мотото „Децата заслужуваат повеќе“  беше уредувањето на детски игралишта, наменети за сите деца, а инспирирани од децата со потешкотии во развојот и видот.
„Како група сакавме да дадеме видливост на оваа проблематика која ја засегаат оваа група на граѓани и не само преку критика туку и преку пример да покажеме дека со добра волја,  малку знаење и финансии без премногу политика може да се направи и спроведе ваква инсталација за дечиња. Сакаме да истакнеме дека Децата вистински заслужуваат повеќе одошто им се нуди. И на сите граѓани да излезат од комфорната зона и почнат да делуваат и заедно со  носителите на одлуки и локалната власт да почнат да размислуваат за спроведување и изградба на ваков тип на игралишта и зелени површини  за сите дечиња а посебно најранливите.“
Арт активист може да биде секој, бидејќи не е потребна реклама или промоција за да се направи некоја промена на подобро.

Лаура Стојанова М-Нет