
Околу 50 проценти од сеидбата што годинава доцни поради сушата е веќе завршена, а земјоделците очекуваат до 15 декември целосно да бидат посеани нивите во штипскиот регион. Како што информира потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Серафимов, сеидбата во моментов е во најголем ек и активно се ора и се сее. Од Асоцијацијата очекуваат дека и времето ќе ги послужи за да до Нова Година како краен рок, биде се завршено.
,,Па сега е токму во најголем ек сеидбата. Се уште некаде ораме, се сее, меѓутоа некаде околу 50 проценти сеидбата е речиси завршена. Може и малку порано, до 15 декември мислиме дека сеидбата ќе заврши. Сметаме дека и времето до 15 декември и времето ќе не послужи.”, кажа Серафимов
Земјоделците засега не се плашат дека студот може да го измрзне и оштети она што е веќе засеано. Според Серафимов, потребни се многу големи минуси за житото да настрада.
,,Сега за сега не, треба да има многу минусни температури за да има оштетување на житарицата. Па надеваме се.”, додава Серафимов
Инаку, поради сушата во септември и октомври земјоделците не можеа навреме да почнат со орање, а дополнително и со сеидба. Затоа годинава сеидбата е многу подоцна, но според земјоделците, тоа нема да влијае врз квалитетот и количината на родот.
Иван Митев, М-Нет