
Есенската полусезона во Трета лига регион 3 заврши, но останува да се одигра одложениот меч меѓу Победа Валандово и Малеш, од кој зависи дали тимот од Валандово кој е есенски шампион ќе презимува со бод повеќе од Каменица Саса или таа разлика ќе биде поголема, а тоа може да понуди повеќе од неизвесна трка за првото место кое води кон баражот за Втора лига.
Последната рунда не донесе некои изненадувачки резултати. Каменица Саса ја оправда фаворитската улога добивајќи го последнопласираниот Карбинци со 0:2 во гости, лесно до три бода стигна и Малеш од Берово откако славеше над Слога во Виница со 1:3.
Овче Поле ја оправда фаворитската улога откако во Пирава беше подобар од Ударник со 1:2, а со ист резултат славеше и Брегалница од Делчево против Дојранско Езеро во гости.
Лидерот Победа Валандово со минимални 0:1 го доби екс прволигашот Хоризонт Турново и освои три многу важни бодови со што го сочува првото место.
Во последното есенско коло слободна беше екипата на Огражден, која зад себе оставен импресивна есенска етапа.
В недела ќе се одигра одложениот меч од 5. коло меѓу Победа Валандово и Малеш. Има неколку математички комбинации од тој натпревар. Тимот од Валандово без разлика на исходот ќе биде есенски шампион. Ако Победа забележи триумф ќе има 26 бодови четири повеќе од второпласираната Каменица Саса, во таков случај Малеш останува петти со 18 бодови. Ако Малеш слави во Валандово тогаш ќе има 21 бод и ќе биде трет, на бод зад второпласираната Саса и на само два зад Победа. Ако исходот е делба на бодовите, Победа ќе има 24 бода, а пак Малеш ќе има 19 и ќе се израмни на третото место со Огражден.
Од тој меч зависи дали Победа пролетниот дел ќе го стартува со само еден, два или четири бода предност пред Каменица Саса која е најголем конкурент, но ако Малеш запиша три бода тогаш ќе биде во ситуација сериозно да го напаѓа првото место и тимот од Берово да биде во трка за бараж за Втора лига, а конкуренцијата на Победа да се зголеми на повеќе екипи.
Овој регион покажа дека има уште неколку екипи кои можеби немаат амбиции за Втора лига, но имаат капацитет од сенка да откинуваат бодови од конкурентите.
Александар Ванев, М-Нет