Денеска во Скопје се одржа конститутивниот состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, со што официјално започнува работата на новиот меѓуинституционален механизам за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Македонија. Комитетот е формиран по иницијатива на Владата, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа, со цел зајакнување на превенцијата, заштитата и институционалниот одговор на заканите, притисоците и нападите врз новинарите.
На настанот свое обраќање имаше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека слободното и безбедно новинарство е еден од основните предуслови за функционирање на демократското општество, во кое институциите мора да бидат отворени за прашања, критики и контрола од јавноста.
„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности, бараат одговорност и им овозможуваат на граѓаните да носат одлуки врз основа на точни и проверени информации. Силата на една институција не се гледа во тоа колку е пофалена, туку во тоа колку е подготвена да биде прашана, проверена и повикана на одговорност“, нагласи министерот Тошковски.
Тој посочи дека формирањето на Комитетот е дел од определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи и заштитата на новинарите, во согласност со Препораката на Советот на Европа од 2016 година, која ги утврдува четирите основни столба на националните механизми за безбедност на новинарите: превенција, заштита, гонење на сторителите и промоција и едукација.

Министерот ја истакна и досегашната соработка на МВР со новинарската заедница, особено со Здружението на новинарите на Македонија, преку заеднички активности, обуки и воспоставување механизми за побезбедно извршување на новинарската професија. Во таа насока, назначени се национална фокална точка и локални фокални точки во сите сектори за внатрешни работи, како и контакт-точка во областа на сајбер-безбедноста, со цел олеснета комуникација и навремена реакција при пријавени закани и напади.
„Напад врз новинар поради неговата професионална работа не е само напад врз поединец. Тоа е напад врз правото на јавноста да биде информирана“, порача Тошковски, нагласувајќи дека заштитата на новинарите бара постојана соработка меѓу полицијата, обвинителството, правосудните институции и новинарските организации.
За претседател на Националниот комитет е определен помошник министерот за односи со јавност и стратешки прашања при МВР, Мухамед Исмаиљи, кој истовремено е и национална фокална точка на Советот на Европа за безбедност на новинарите.
Во своето обраќање, Исмаиљи ги образложи причините за формирањето на Комитетот, неговата организација, надлежностите и следните активности, нагласувајќи дека станува збор за координативно тело кое ќе ги обедини институциите надлежни за безбедноста, правдата и медиумите со претставниците на новинарската заедница.
Во составот на Комитетот се вклучени претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Јавното обвинителство, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Неговата основна задача ќе биде да ја унапредува меѓуинституционалната координација, да ја следи состојбата со заканите и нападите врз новинарите, да поттикнува размена на информации и да предлага мерки за подобрување на постојните механизми за заштита, без навлегување во законските надлежности на полицијата, обвинителството и судовите.
„Не сакаме да создадеме механизам во кој институциите ќе разговараат сами со себе за безбедноста на новинарите. Сакаме механизам во кој новинарите ќе имаат свој глас, а институциите обврска тој глас да го слушнат“, истакна Исмаиљи.
Тој нагласи дека еден од главните приоритети ќе биде подготовката и спроведувањето на Националниот акциски план за заштита и безбедност на новинарите, кој треба да ги преточи утврдените цели во конкретни активности, со јасно определени надлежности, рокови и мерливи резултати.
Меѓу приоритетните активности се унапредувањето на процедурите за пријавување закани и проценка на ризикот, подобрувањето на координацијата меѓу полицијата и обвинителството, специјализираните обуки за институциите, зајакнувањето на капацитетите за справување со онлајн закани и дигитални докази, како и подобрувањето на евиденциите и следењето на институционалното постапување.
Посебно внимание ќе се посвети на заштитата на новинарките од родово базирано вознемирување, безбедноста на истражувачките, локалните и независните новинари, како и на спречувањето на злоупотребата на судските постапки преку таканаречените SLAPP-тужби, насочени кон заплашување и замолчување на новинарите.
„Наша цел не е да создадеме систем во кој новинарите ќе мора да бараат посебна храброст за да ја кажат вистината, туку систем во кој ќе можат слободно, професионално и без страв да ја вршат својата работа“, порача Исмаиљи.
Формирањето на Националниот комитет е дел од пошироките активности што се реализираат со поддршка на Советот на Европа, особено преку европската кампања „Новинарите се важни“ (Journalists Matter), како и преку заедничките програми на Европската Унија и Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и медиумите.
Текстот Тошковски: Безбедноста на новинарите е предуслов за слободни медиуми – формиран Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите е превземен од МАКФАКС.