
Жителите на селата Аликоч и Коџалија, во Општина Радовиш, сами се организираат и со сопствени средства и труд ги санираат најоштетените делови од патот што ги поврзува селата со Радовиш. Нивната солидарност и иницијатива се за почит, но зад оваа акција стои и сериозен проблем за кој мештаните очекуваат итна реакција од надлежните институции.
Според жителите, постојниот асфалт на патната делница е целосно оштетен и испукан, а коловозот е премногу тесен, што секојдневно го отежнува движењето и ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Мештаните велат дека се принудени сами, со сопствени средства и физички труд, привремено да ги санираат најкритичните делови за да можат нормално да функционираат и да ја користат патната делница.
Особено загрижува фактот што овој пат секојдневно го користат и децата од овој крај за да стигнат до училиште. Токму нивната безбедност е еден од главните аргументи поради кои Месната заедница Аликоч – Коџалија бара итна институционална реакција.


