На неасфалтирани улици, неквалитетна вода и лошо осветлување се жалат жителите на Општина Лозово, градоначалникот демантира

На неасфалтирани улици, лошо улично осветлување, дупки, кал и неквалитетна вода за пиење, која дома сами ја филтрираат, се жалат жителите на Општина Лозово. Велат дека во 21 век газат по кал, прескокнуваат вирови и мораат сами да бараат начин како да ја прочистат водата што ја користат. Во селото Милино, пак жителите тврдат дека немаат улично осветлување. Откако паднала бандера, надлежните дошле само да ја тргнат од патот, а осветлувањето се уште не е вратено во функција. Незадоволни од ваквата ситуација, бараат локалната власт да ги реши проблемите со кои секојдневно се соочуваат.

,,Градоначалникот што го имаме само да се чешла, да биде личен и убав, да си прави журки кумановски и тоа е, од него нема ништо. Не е способен една сијалица во село да намести. Еве кај нас во село Милино сите минуваат покрај мојата куќа, падна бандерата. Дојдоа, ја тргнаа бандерата од патот, да наместе. Кабелот го собраа и го ставија на бандерата, па сега нема кој да намести сијалица. Жалосно е.”, велат жителите

,,Водата не е квалитетна, не направија. Требаше од Злетово да ја донесат, нема ништо. А за друго има пари, а за ова нема. Докторот ни рече да не пиеме од таа вода, оти бактерии се фаќат, а од што да пиеме. Ние филтер купиме да ја филтрира водата. Викат џабе филтрирате, бактериите велат си остануваат внатре. Па се гледа, ова ли да не е асфалтирано овде, зошто да биде ова вака по кал уште да газиме. Кај нас асфалтираа нешто доле, ама овде на пример не е. Зошто овде во амбуланта секој оде да газе по кал. Еве носам и количка ќе ја направам кал.”, истакнаа жителите

Во врска со проблемите на кои се жалат жителите, М-Нет телевизија побара одговор од градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, кој вели дека уличното осветлување е поставено, дека најголем дел односно 95 проценти од улиците се асфалтирани и се асфалтираат и дека водата е безбедна за пиење.

,,Сакам да ги демантирам категорично изнесените тврдења, дека во Општината Лозово нема улично осветлување, тоа е апсолутна лага и целосно одстапува од фактичката состојба на терен. Напротив уличното осветлување е реконструирано и заменето во сите населени места во општината, согласно современите стандарди и потребите на жителите. Кога станува збор за улична инфраструктура Општина Лозово има над 95 проценти асфалтирани улици дополнително во овој момент активно се работи на реконструкција и асфатлирање на уште четири улици во општината, меѓу нив и улицата што води кон амбулантата. Дополнително овде би сакал да ги демантирам и евентуалните тврдења во однос на квалитетот на водата за пиење. Водата се редовно контролира и испитува од страна на сертифицирана лабораторија при центарот за Јавно здравје. Извештаите од извршените анализи потврдуваат дека водата е чиста и безбедна за пиење, согласно резултатите од тие лабораториски исптиувања. Здравјето и безбедноста на нашите граѓани се приоритет и затоа контрола на квалитетот на водата е редовена и контиуирана. За овие прашања не треба да се шпеулира, туку да се зборува. Сметам дека јавноста заслужила точни, проверени информации, а не изјави и тврдења што создаваат погрешна слика во општината.”, вели Цветковски

Дополнително градоначалникот Цветковски посочи дека нивниот пристап е едноставен. работа, реализација и решавање на проблемите на терен.

Иван Митев, М-Нет