Штипјанецот Сашко Кедев испиша историја и влезе во Гинисовата книга на рекорди – највозрасен човек во светот со освоени 14 осумилјадници!

Македонскиот алпинизам доби историско признание, а Штип уште една причина за гордост! Проф. д-р Сашко Кедев и официјално е впишан во Гинисовата книга на рекорди како највозрасниот човек во светот кој ги искачил сите 14 планински врвови повисоки од 8.000 метри.
Штипјанецот Кедев со овој неверојатен подвиг го потврди своето место меѓу најуспешните светски алпинисти, станувајќи воедно и првиот Македонец кој успеал да ги освои сите 14 осумилјадници.
Неговиот пат кон светскиот рекорд започнал на 19 мај 2009 година, кога го искачил највисокиот врв на светот – Монт Еверест. По повеќе од 16 години посветеност, истрајност и освојување на највисоките планини на планетата, подвигот го заокружил на 20 јули 2025 година, со искачувањето на Гашербрум I, висок 8.080 метри, во Пакистан.

Она што го прави неговиот успех уште поголем е фактот што последниот врв го освоил на возраст од 63 години и 14 дена, со што Гинис го признава како највозрасен човек во светот кој ги искачил сите 14 осумилјадници.
Но, тука не завршуваат неговите историски достигнувања. Кедев е признат и како највозрасен човек кој ги комплетирал двата големи светски планинарски предизвици – искачувањето на сите 14 осумилјадници и освојувањето на „Седумте врвови“, односно највисоките планински врвови на седумте континенти.
Од Федерацијата за планинарство на Северна Македонија упатија искрени честитки до Кедев, истакнувајќи дека неговиот успех претставува гордост за целото македонско планинарство.

„Рекордот на д-р Кедев е гордост за целото македонско планинарство. Тој покажа дека за големите соништа никогаш не е доцна и дека со упорност, дисциплина и почит кон планината, и највисоките врвови во светот се достижни“, порача претседателот на ФПСМ, Даниело Божиновски.
Успехот на Сашко Кедев е многу повеќе од личен рекорд. Тоа е подвиг со кој Штип и Македонија се запишуваат на светската планинарска мапа, а неговата приказна останува доказ дека годините не се пречка кога зад сонот стојат огромна волја, храброст и истрајност.
Штипјанецот сега има и официјална потврда од Гинис за подвиг што ќе остане запишан во светската историја!