Симпозиум за дигитална стоматологија на Факултетот за медицински науки при УГД Штип, со предавачи од Србија

На Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, беше одржан 15. симпозиум со меѓународно учество, во организација на Факултетот за медицински науки, студии по Дентална медицина, на тема „Дигитална стоматологија: трансформација на клиничката практика, на кој учествуваа двајца предавачи од Србија и три предавачи од Факултетот за дентална медицина. Организаторот д-р Киро Папакоча изјави дека симпозиумот е можност за едукација на докторите по дентална медицина, запознавање со актуелните теми и предизвици во стоматологијата, како и стекнување знаења што ќе можат да се применат во секојдневната практика.

,,Како и секоја година, така и оваа нашиот факултет учествува во едукацијата на доктори по дентална медицина од Македонија. Оваа година по 15. пат организираме симпозиум со меѓународно учество, кадешто ќе земат учество реномирани предавачи од Србија и предавачи од Факултетот за дентална медицина. Од нашиот факултет имаме тројца предавачи, додека од Република Србија од Ниш имаме двајца предавачи, како што кажав реномирани, којшто ќе зборуваат на актуелни теми и за коишто се важни за струката и за колегите да можат да го применат во праксата или барем дел од она што ќе се зборува тука. Нашиот факултет, иако е еднаш годишно, сме со сите новини и предизвици кои се случуваат во стоматологијата, како и сите болести во денешнинава“, рече Папакоча

Проф. д-р Саша Станковиќ од медицинскиот факултет во Ниш зборуваше за новите технологии во стоматологијата, со акцент на радиолошката дијагностика и компјутеризираната томографија.

„Големо задоволство е што денес сме овде. Ќе зборуваме за новите технологии во стоматологијата. Еден дел од предавањето ќе биде посветен на радиолошката дијагностика со примена на нови алатки, односно компјутеризирана томографија. Ќе бидат презентирани и голем број клинички случаи поврзани со изработката на стоматолошки надоместоци и компјутерски потпомогнатиот дизајн, кои денес сè повеќе наоѓаат примена во секојдневната практика. Се надеваме дека колегите кои го следат ова предавање и кои денес се присутни тука ќе стекнат нови знаења и дека во наредниот период ќе можат да ги применат во своите ординации“, изјави Станковиќ

Доц. д-р Весна Трпевска децидна дека симпозиумот е одлична можност за дружење, континуирана едукација, размена на искуства и стекнување нови знаења и вештини за подобрување на третманот и грижата за пациентите.

,,Па овие симпозиуми пред се претставуваат можност за дружба, континуирана едукација, бидејќи ние како професионалци, едукацијата не ни е само професионална обврска, туку и можност да стекнеме нови вештини, да го споделиме нашето искуство, да научиме нешто ново за да можеме пред се да го подобриме нашиот третман и грижата за пациентите. Знаете како, дигиталната стоматологија е еден современ пристап, дигиталните алатки се интегрирани во сите фази од третманите, медицината и стоматологија одат напред, се развиваат и ние сме тие коишто треба да ги следиме и да ги применуваме во сите фази од третманот од планирање, дијагностика до изведување и реализација на нашите цели“, децидна Трпевска

Интересот за симпозиумите е голем кај докторите и студентите од повисоките години, кои се што ќе слушнат и научат овде, ќе треба да се пренесе и примени во секојдневната практика, во чекор со новините во струката.

Ева Тушевска, М-Нет