
Фудбалерките на Кочани го претрпеа 11-тиот сезонски пораз откако на домашен терен со 1:6 загубија од лидерот Љуботен, што беше и за очекување ваков резултат поради далеку поголемиот квалитет кој го има тимот од Тетово, а во рамките на 12. коло.
Најголемата победа оваа рунда ја забележа Каменица Саса, „рударките“ на Градскиот стадион во Македонска Каменица со убедливи 12:0 го декласираше тимот на Речица.
Трите бодови останаа во Струга откако Ас Јунајтед со тесни 2:1 го доби Истатов, а пак Вардар славеше во Битола добивајќи го Пелистер со 1:2.
Шампионот Скопје преку пресврт го доби дербито со вицешампионот Тиверија Брера со резултат од 3:2.
На првата позиција е тимот на Љуботен, поранешниот шампион од Тетово има 32 бодови, а пак актуелниот шампион Скопје е втор со 28 бодови. На делба на третото место се Тиверија Брера и Каменица Саса со по 22 бодови, а пак Пелистер е петти со 20 бодови.
На шестото место е Ас Јунајтед со 17 бодови, Вардар е седми со 16 бодови, а пак Истатов е осми со 12 бодови. Веќе се прави пресек и станува јасно оти Речица и Кочани ќе водат борба за опстанок.
Речица е претпоследна односно во бараж зоната со четири бодови, а на дното е Кочани со еден бод, позиција која води кон испаѓање во Втора лига.
Александар Ванев, М-Нет