Со околу 250 натпреварувачи успешно се одржа традиционалната ноќна трка по повод 8 Ноември – Денот на ослободувањето на Штип

Во чест на 8 Ноември – Денот на ослободувањето на Штип, успешно се одржа традиционалната ноќна трка, која годинава собра околу 250 натпреварувачи од основните и средните училишта, Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи и Универзитетот „Гоце Делчев“. На оваа спортска манифестација со долгогодишна традиција беа одржани вкупно десет трки, а најуспешни во училишната конкуренција беа ООУ „Тошо Арсов“ и СОУ „Славчо Стојменски“.

Улиците во Штип повторно беа во знакот на спортот, натпреварувачкиот дух и одбележувањето на еден од најзначајните датуми во историјата на градот.

Традиционалната ноќна трка се одржа на улицата „Васил Главинов“, на потегот од мостот кај Соборниот храм „Св. Никола“ до гимназијата „Славчо Стојменски“, каде што беше поставена целта.

Во рамките на спортската манифестација беа организирани вкупно десет трки, во кои учествуваат натпреварувачи од различни категории.

Најмладите учесници, учениците од основните училилишта, имаа можност да ги покажат своите атлетски способности, додека во останатите категории настапија средношколци и претставници на институциите.

Манифестацијата уште еднаш покажа дека спортот има посебно место во одбележувањето на овој голем ден за градот под Исарот, обединувајќи повеќе генерации штипјани.

Во конкуренција на основните училишта, најдобар резултат оствари ООУ „Тошо Арсов“, а пак во конкуренција на средни училишта најдобра беше гимназијата „Славчо Стојменски“.

Во сениорска конкуренција најуспешни беа претставници од Армијата.

Ноќната трка е една од препознатливите спортски манифестации во Штип, која со децении се организира по повод Денот на ослободувањето на градот.

Александар Ванев, М-Нет