
Фудбалерите на Брегалница одиграа 1:1 против Башкими во Куманово во рамките на 13. коло на Првата македонска фудбалска лига, со што „сините“ го задржаа седмото место, а пак Башкими сега дојде до осмата позиција односно го помина Арсими.
Штипскиот прволигаш ја задржа разликата од три бода во однос на бараж зоната и четири во однос на опасната зона.
Прв до водство дојде кумановоскиот тим со голот на Фавзи Јахаја во 27. минута, а погодокот за израмнување беше постигнат во 72. минута кога погоди Маское.
Шкендија Арачиново триумфираше над Арсими со резултат од 0:2, со што дебитантот го помина Силекс и изби на петтото место со тоа има осум бодови повеќе од Арсими кој сега заврши на деветтото место, а пак седум повеќе од бараж зоната каде што е Башкими.
Арсими со овој резултат влегува во резултатска криза со три порази во низа.
Вардар со голот на Закариќ славеше над Силекс во Кратово со минимални 0:1, а со минимални 1:0 славеше и Тиквеш на домашен терен над последнопласираниот Скопје.
Христијан Малески го реши дербито меѓу Струга и Шкендија, стружани беа подобри со 1:0 и со тоа избија на челната позиција пред тимот од Тетово.
Следува репрезентативна пауза, а по истата ќе продолжи борбата за освојување на бодови на секој меч. Струга е прва со 29 бодови, два повеќе од Шкендија која е втора, додека пак Тиквеш и Вардар го делат третото место со по 24 бодови.
Зад овие екипи како петтопласирана е Шкендија Арачиново со 18 бодови, Силекс е место подолу со бод помалку, а пак Брегалница е седма со 14 бодови.
Башкими прогресираше до осмото место односно бараж зоната со 11 бодови, во зоната за испаѓање во Втора лига е Арсими како претпоследен со десет бодови, а на дното е Скопје со само четири бодови и пред „пиратите“ ќе биде исклучително тешка борба за опстанок.
Александар Ванев, М-Нет