
На 82 години Јана Николова од Лозово плете и продава волнени чорапи. Уште како дете од мајка си и бабите научила како се обработува волната и како со фурка се преде во конец од кој потоа ги плете чорапите. Вештината ја зачувала до денес, а чорапите ги изработува на пет игли со таканаречената „права плетка“ – една опаку, една на лице. Вели дека се особено барани од луѓе кои имаат проблеми со нозете, а еден пар го продава за 400 денари.
Иако има 82 години, Јана не седи со скрстени раце. И понатаму си работи, плете чорапи и за големи и за мали, а вели дека додека ја служат рацете, нема да ја остави плетката.
Јана е дел од генерациите кои сe уште ги чуваат старите занаети. Вели дека денес сe поретко има луѓе кои знаат да предат и плетат на овој начин, па затоа сака оваа вештина да не се заборави и да продолжи да се пренесува на помладите.
Иван Митев, М-Нет