Штип УГД го доби дербито во Струмица! Шампионот покажа карактер и остана непоразен

Одбојкарите на Штип УГД продолжуваат со одличните настапи во новата сезона. Актуелниот шампион успеа да слави на гостувањето во Струмица, совладувајќи го тимот на ОК Струмица со 1:3 во сетови (34:32, 16:25, 17:25, 24:26), во дербито од третото коло во групата А од Првата лига.
Штипјани до победата стигнаа по голема борба, во натпревар исполнет со неизвесност, пресврти и многу возбудувања. Особено драматичен беше првиот сет, во кој двете екипи водеа вистинска битка за секој поен, а по долгата игра на нерви и концентрација, домашниот состав успеа да поведе со 1:0, добивајќи го сетот со неверојатни 34:32.

Сепак, загубениот прв сет не ги поколеба одбојкарите на Штип УГД. Напротив, шампионот во продолжението покажа зошто ја носи шампионската титула, заигра посигурно и поорганизирано и целосно ја презеде контролата врз натпреварот.

Со убедливи 16:25 и 17:25, Штип УГД ги освои следните два сета и направи целосен пресврт за водство од 1:2.
Во четвртиот сет се водеше нова голема битка. Штипјани имаа одлична предност од 18:22 и се чинеше дека рутински ќе го затворат натпреварот, но домашните не се предадоа и успеаја да се вратат, израмнувајќи на 24:24.
Овојпат, за разлика од драматичниот прв сет, гостите останаа максимално концентрирани во клучните моменти и со два последователни поени го освоија сетот со 24:26, за конечна победа од 1:3.
Со овој триумф, Штип УГД испраќа јасна порака дека и оваа сезона ќе биде сериозен кандидат за највисок пласман. Бранителот на титулата од Струмица си заминува со цел плен и продолжува непоразен во првенството!