„Пред „АЛТА банка“ интервенира Итна помош, на граѓани им се слошува додека чекаат да дојдат до сопствените пари, а министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ни соопштува дека за кризата се информирала од медиумите. Во истата држава, гувернерот Трајко Славески раскажува за тримесечни проверки, институционални консултации и темелно спроведени процедури. Каква е таа власт во која институциите биле доволно информирани за да дадат зелено светло, а министерката за финансии останала без службени информации кога избувнала кризата“, прашуваат од Левица.
Додека пензионерите стојат во редици пред банкарските шалтери, политичкиот врв на ДПМНЕ ни приредува натпревар во неинформираност, додаваат од оваа партија.
Излегува, како што велат, дека граѓаните пред банката имаат понепосредни сознанија за размерите на кризата од министерката која раководи со државните финансии!
Ако Кочоска дознавала од телевизија, тогаш кој ја информирал Владата? Кој го информирал Мицкоски? Со кого се консултирал Славески и како е можно меѓу толкуте институции на кои се повикува гувернерот да нема јасна слика за тоа кој што знаел, прашуваат од Левица.
Според Левица, независноста на Народната банка не е алиби за изолација, ниту министерската фотелја е место од кое може да се прогласува неинформираност како политичка доблест.
„Не е привилегија на функционерите да не знаат, туку нивна должност да обезбедат информациите да стигнат таму каде што се неопходни. ДПМНЕ мора да објасни дали воопшто постоела навремена службена комуникација за кризата, наместо секој од неговите функционери да ја црта границата на сопствената одговорност таму каде што почнува непријатното прашање.
Најстрашното во целата приказна не е само тоа што Кочоска тврди дека не знаела, туку што тоа го изговара како да е ослободителна пресуда, а не повод за политичка одговорност. Во држава во која луѓе колабираат пред банка, министерката за финансии не може да се задоволи со улогата на телевизиски гледач, додека гувернерот зад параванот на консултациите остава неодговорено со кого и како комуницирал“.
Во оваа власт, истакнуваат од Левица, очигледно, информациите патуваат побавно од паниката, а одговорноста исчезнува побрзо од довербата. „Славески знаел доволно за да ја одобри АЛТА, Кочоска тврди дека не знаела доволно ни за да биде информирана за кризата, а Мицкоски треба да објасни како функционира Владата во која ресорната министерка за финансии за вакви случувања дознава од медиумите.
Кога граѓаните колабираат пред банкарските шалтери, неинформираноста на политичкиот врв не е олеснителна околност, туку причина за најсериозно преиспитување на неговата одговорност“.
Текстот Левица за „Алта банка“: Додека граѓаните колабираат пред банкарските шалтери, министерката за финансии за кризата се информирала од медиумите е превземен од МАКФАКС.