Двете сценарија што премиерот Христијан Мицкоски ги посочува за Алта банка – пронаоѓање купувач или стечај – се неодржливи, оценува СДСМ во соопштение, во кое обвинува дека премиерот не ја кажува вистината за состојбата со банката и судбината на парите на граѓаните и јавните претпријатија. Од партијата бараат одговор колку јавни средства има во Алта банка и врз основа на што Мицкоски тврди дека штедачите ќе можат да ги наплатат своите побарувања.
„Мицкоски нуди две сценарија. Првото – да се најде купувач. Второто – банката да оди во стечај.
Првото сценарио: да се најде купувач. Нема купувач. Стандардно од ВМРО и Мицкоски е некој друг да им биде виновен.
Но, вистината е дека никој не сака да купи криминално портфолио на банка во сопственост на човек што до вчера држеше мала менувачница во Земун.
Ниту една сериозна банка не би го презела тоа. Репутацијата е руинирана, капиталот е под сомнеж, истрагите се во тек во Србија, Црна Гора и ЕУ.
Второто сценарио: банката во стечај. Ова веќе се случи. Банката во Србија е во стечај. Кога банка ќе ја изгуби дозволата за работа, нормално е да оди во стечај.
Мицкоски вели сите да бидат спокојни и дека сите ќе добијат пари.
Прво, граѓаните ќе добијат пари до влог од 30.000 евра од агенцијата за осигурување на депозити.
Второ, поголемите суми нема да ги добијат во целост – само осигурениот дел.
Трето, она што Мицкоски не го споменува се парите на јавните претпријатија. Повторно пари на граѓаните на Македонија.
Значи Мицкоски, како и обично, лаже. Не кажува што се случува со тие пари.
Колку пари губи државата? Колку е активата на банката? Кога вели дека и останатите ќе се наплатат од стечајната маса – врз основа на што?
Пример со српската Алта банка: се тврдеше дека банката имала речиси 400 милиони евра во трезорот, а на крајот се потврди дека Мацура веќе ги изнел.
Прашање за Мицкоски: колку народни пари, пари на граѓаните на Македонија, се во Алта банка?
Нема молк додека се кријат бројките. Нема безбедност додека се штитат криминалните пари на сметка на штедачите.
Единственото сценарио што Мицкоски не го кажа е дека е 100% сигурно дека тој и Славески ќе одговараат. Дека ќе застанат пред лицето на правдата.
Тоа сценарио не го кажа – само е прашање на време. И се чини дека ќе биде наскоро“, се вели во партиското соопштение.
Текстот СДСМ: Ниту едно од двете сценарија на Мицкоски за Алта банка не е одржливо е превземен од МАКФАКС.