Герасимовски: 37 ученици од Центар добија стипендии, зголемена финансиската поддршка за талентираните ученици

Општина Центар денеска додели стипендии на 37 талентирани ученици од општинските основни училишта, кои остваруваат забележителни резултати во областа на културата.

Десет ученици добија стипендии од по 4.500 денари месечно, а 27 ученици по 4.000 денари месечно. Финансиската поддршка годинава е зголемена, со цел младите да се поттикнат во развивањето на нивниот талент и творештво.

„Како што ветив во предизборната програма, оваа година ги зголемивме општинските стипендии за 50 проценти. Сакам младите да знаат дека ги препознаваме нивните квалитети, го цениме нивниот труд и вложуваме во нивниот развој“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Стипендираните ученици имаат освоено награди и признанија на градски, државни и меѓународни натпревари, што е потврда не само за нивниот талент туку и за посветеноста на наставниот кадар.

Во рамки на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Општината, беа доделени и награди за најдобрите ликовни и литературни творби од конкурсот „50 години Центар – срцето на градот, духот на генерациите“.

Наградени се шест ученици, по тројца во двете категории. За прво место се доделени по 5.000 денари, за второ по 3.000 денари, а за трето по 2.000 денари.

Текстот Герасимовски: 37 ученици од Центар добија стипендии, зголемена финансиската поддршка за талентираните ученици е превземен од МАКФАКС.