Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова Серафимовска, извршија увид во археолошките ископувања на локалитетот Пеленица во близина на Драчево.
Она што пред неколку месеци започна како иницијатива за создавање културно-историско-археолошка карта на најстарата скопска општина, веќе ги дава првите конкретни резултати на терен.
Националниот археолошки музеј ги привршува археолошките истражувања на локалитетот Пеленица, кои започнаа на 28 октомври 2026 година, со цел да се проверат податоците од пред околу 90 години за постоење мозаичен под во кружна просторија.
Истражувањата се реализираат со целосна финансиска поддршка од Општина Кисела Вода и поддршка од црквата „Св. Спас“ во Драчево, а во соработка со Националната установа Конзерваторски центар – Скопје.
Досегашните археолошки истражувања ги потврдија информациите стари речиси девет децении и резултираа со откривање полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички материјал и монета кои потекнуваат од доцноантичкиот период.
Во оваа фаза мозаикот е откриен само по периферниот дел од истражуваната површина, а конечните резултати ќе овозможат попрецизни сознанија за неговиот обем, зачуваноста и архитектонскиот контекст. Наодите претставуваат значајна основа за понатамошно проучување на локалитетот и неговото место во доцноантичкиот археолошки пејзаж на Скопската Котлина.
„Пред речиси 90 години биле забележани информации за постоење мозаик на ова место. Денес, благодарение на археолошките истражувања, имаме материјална потврда за тие податоци. Ова е уште еден показател колку археолошки потенцијал останува неистражен, дури и во непосредната околина на Скопје Им упатувам благодарност на градоначалничката и на Општина Кисела Вода за укажаната доверба и поддршка, на црквата „Св. Спас“ во Драчево за разбирањето и соработката, на Конзерваторскиот центар – Скопје, како и на целиот стручен тим кој работеше на терен. Верувам дека ова е почеток на едно посеопфатно истражување на Пеленица и дека резултатите ќе отворат нови можности за заштита и презентација на овој локалитет“, истакна директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова.
По завршувањето на археолошките ископувања, планирано е спроведување геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со цел да се утврди евентуалното постоење други, досега неистражени архитектонски остатоци. Воедно, од наредната година се планира започнување конзерваторски зафати од страна на Конзерваторскиот центар – Скопје, со цел соодветна заштита и зачувување на откриените остатоци.
Раководител на археолошките истражувања е м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос во Националниот археолошки музеј. Во стручниот тим учествуваат Мартин Гиевски, Филип Аџиевски, м-р Трајан Зафировски и Бојко Стојановски од Националниот археолошки музеј, Никола Веселинов од Конзерваторскиот центар – Скопје и д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура – Прилеп.
Текстот Откриен доцноантички полихромен мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево е превземен од МАКФАКС.