
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство си поднел оставка по барањата на одгледувачите на овци за промена на раководството, тврди претседателот на Асоцијацијата на одгледувачи на овци, Насер Џемаили за М-Нет телевизија. Од новото раководство, тој како претседател на сточарите, вели дека очекуваат подобра организација и што побрза имплементација на вакцината против овчата сипаница. Џемаили рече дека доколку не се исполнат нивните очекувања, повторно ќе бараат промена на директорот или ќе организираат протести.
,,Ние од порано видовме дека директорот заглави и не може да функционира и да се организира и затоа доцни и вакцината за овците. Затоа настана и овој цел хаос со болеста овча сипаница. Ние затоа побаравме тој да си даде оставка.Го цениме тоа што нашиот глас стигна до Влада и чекаме новиот директор да биде поорганизиран, подобар. Ако не биде така, ние пак сме тие што ќе бараме нов директор или пак ќе протестираме. Сега чекаме деновиве што побргу да се имплементира таа вакцина, затоа што има многу овчари кои што останаа во планините во снег и веќе е ладно горе. Затоа мораме да се организираме да ги вакцинираме прво тие што останале по планини.”, вели Џемаили
Кога станува збор за изборот на директори во институциите од областа на земјоделството и сточарството, Џемаили е дециден дека на тие позиции треба да се именуваат лица од самата бранша, кои ги познаваат состојбите и проблемите со кои се соочуваат сточарите
,,Ние досега имаме искуство со именувани функциониери, министери, директорти. Јас би апелирал тука, Влада секогаш кога ќе именува директори и функционири да зедат секогаш некој од браншата што се сточарство, земјоделие, за да не страдаат како што сега наста овој хаос. Веќе е време да бараме и сточари да бидат вклучени во институции. Имаме многу сточари кои што се со факултет, дури некои со два факултета, така да имаме екипа што можеме да ја нудиме за во надлежните институции.Само така можеме да одиме напред, не можеме да очекуваме да ни доагаат од другите сфери да ни доагаат директори што немаат врска со земјоделие.”, кажа Џемаили
Од новото раководство, Асоцијацијата на одгледувачи на овци очекува подобри резултати. Од таму велат дека ќе продолжат да се борат за заштита на сточарите и дека нема да дозволат повторување на состојбите кои, како што тврдат, им нанеле штети.
Иван Митев, М-Нет