
Хуманитарен концерт за помош на Васко, тапанарот, ќе се одржи на 10 ноември, со почеток во 20 часот, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.
Преку музиката и хуманоста, бројни музички имиња и граѓани ќе се обединат со една заедничка цел – да му дадат поддршка на Васко во неговата најважна животна битка.
На хуманитарниот концерт ќе настапат Влатко Миладиноски со Големиот оркестар на Златко Миладиноски, Сузана Гавазова, Стојне Николова, Дарко Стојаноски, Дамјан Стојаноски, Василија Петрова, групата „Алегро“, Тања Јованоска, Горан Тодороски и Александар Ангелов – Гајда.
Влезот е со донација, а сите собрани средства ќе бидат наменети за помош на Васко. За оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат, овозможена е и уплата на донации преку објавените банкарски сметки.
Организаторите упатуваат повик до граѓаните да ја покажат својата хуманост и да се приклучат на оваа иницијатива.
Васко е дел од музичката сцена и настапувал со повеќе музички групи, меѓу кои „Бекрии“, „Гајда бенд“ и оркестарот „Корона“. Токму затоа, колегите музичари и пријателите се обединуваат во оваа хуманитарна иницијатива, со цел да му дадат поддршка во тешките моменти.
Секој придонес е важен, а секоја подадена рака значи надеж и поддршка за Васко.
Ева Тушевска, М-Нет