40 тони македонски јаболка запрени во Бугарија поради пестициди – две пратки одбиени за само пет дена

Две пратки македонски јаболка, со вкупна тежина од 40.439 килограми, за само пет дена биле запрени на бугарската граница поради неправилности утврдени при контролите за безбедност на храната. Во едната пратка бил откриен пестицид забранет за употреба во Европската Унија, додека во другата биле утврдени остатоци од пестициди над максимално дозволените граници.

На 29 октомври бугарските инспектори запреле пратка од 21.089 килограми македонски јаболка, откако лабораториските анализи покажале присуство на пестицид забранет во ЕУ. Само четири дена подоцна, на 2 ноември, била запрена уште една пратка, тешка 19.350 килограми, поради надминати дозволени концентрации на остатоци од пестициди.

Според информациите на Бугарската агенција за безбедност на храната, јаболката не биле пуштени во промет. Во објавените информации не се наведуваат конкретните пестициди, измерените концентрации, ниту производителите и извозниците што стојат зад пратките.

Повторувањето на ваквите случаи отвора прашања за контролата на земјоделското производство и проверките што се вршат пред македонските јаболка да бидат извезени на странските пазари.

Особено важно е да се утврди што ќе се случи со запрените 40 тони јаболка – дали ќе бидат вратени во Македонија, уништени или повторно лабораториски испитани. Се наметнува и прашањето дали надлежните институции ќе извршат дополнителни проверки кај производителите и откупувачите од кои потекнуваат пратките.

Случаите се значајни и за домашните потрошувачи, кои имаат право да знаат дали јаболката што се продаваат на македонскиот пазар редовно се контролираат и дали ги исполнуваат пропишаните стандарди за безбедност на храната.

Колку примероци јаболка се испитуваат, дали се откриени недозволени остатоци од пестициди и какви мерки се преземаат при утврдени неправилности – прашања на кои надлежните институции треба да дадат јасни и транспарентни одговори.

Ева Тушевска, М-Нет