СДСМ поднесе интерпелација за поранешниот вицепремиер, сега министер за локална самоуправа во владата на Мицкоски – Иван Стоилковиќ, изјави Митко Трајчулески, пратеник од СДСМ.
„Време е за политичка одговорност на еден од извршителите на Вучиќ, на кинеските и руски агенди, за ширењето омраза и величењето воени злосторници. Основите на интерпелацијата се јасни: недозволиво и недолично однесување кон пратениците со што се руши достоинството на Собранието и политичко дејствување кое е спротивно на националните и стратешки интереси на Македонија. Стоилковиќ не им служи на граѓаните на Македонија, а за неговото останување во Владата директно е одговорен Христијан Мицкоски. Неговата поврзаност со српски разузнавачки структури и неговите јавни настапи и активности поврзани со Русија отвораат сериозно прашање: чии интереси застапува како член на македонската Влада?“, праша Трајчулески.
Според него, промовирањето спротивни геополитички агенди ја поткопува довербата кај сојузниците и им нанесува штета на нашите национални интереси.
„Го отвораме и прашањето за неговото патување во Кина и настапувањето со делегацијата на СНС и Вучиќ. Интерпелацијата ги опфаќа и содржините со кои се велича Ратко Младиќ, осуден за геноцид“, рече Трајчулески.
Како што кажа, луѓе кои величаат осудени воени злосторници и релативизираат воени злосторства не треба и не смеат да извршуваат јавни функции.
„Особено што во конкретниот случај постои и кривично дело согласно Кривичниот законик, што се однесуваат на одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства. Министер во земја членка на НАТО мора да ги почитува државните стратешки определби. Не може функцијата да ја користи за промоција на политики што ги поткопуваат. На ова се надоврзуваат пцуењето, навредите и заканите во Собранието кон пратениците од СДСМ, до Фатмир Битиќи и до мене лично, како и до пратеничката Арбана Пашоли“, рече Трајчулески.
Тој додаде дека Стоилковиќ не бил повикан на одговорност ниту некогаш лично се извинил и поради тоа, како што кажа, политичката одговорност треба да се утврди пред Собранието.
„Со оваа интерпелација бараме политичка одговорност и јасен одговор од парламентарното мнозинство: дали ќе го заштитат достоинството на Собранието и државните интереси или ќе го заштитат Стоилковиќ“, рече Трајчулески.
Текстот (Видео) СДСМ поднесе интерпелација за Стоилковиќ: Време е за политичка одговорност за ширењето омраза и величењето воени злосторници е превземен од МАКФАКС.