Неформираното образование, тешкиот пристап до вработување и економската зависност ги ставаат жените Ромки во особено ранлива положба. Недостигот од сопствени приходи за многу од нив значи и ограничени можности да ја напуштат средината во која се изложени на насилство. Дополнително, дискриминацијата ја чувствуваат при барањето работа, во здравствените установи и во образовниот систем.
Сабина Асанова, претседателка на Ромската асоцијација „Родоп“ од Штип, вели дека стравот, немањето финансиска сигурност и отсуството на поддршка ги обесхрабруваат жените да побараат помош.
„Голем дел од жените кои трпат насилство се повлекуваат и немаат храброст да пријават, бидејќи немаат поддршка и не знаат каде да се обратат. Финансискиот дел им е најголем проблем, исто така и домувањето. Немаат каде да се вратат. До сите жени Ромки апелирам да се охрабрат, да пријавуваат, да се образоваат, да станат дел од општеството, да се вработат, да се вклучат на пазарот на трудот и секогаш да бидат економски независни“, вели Асанова.
Во рамките на проектот се вклучени и стручни лица. Психологот Весна Трајковска посочува дека особено важна е улогата на институциите во обезбедувањето заштита и создавањето услови во кои жртвите нема да бидат оставени сами да се справуваат со последиците од насилството.
„Сметаме дека, пред сè, подигањето на свесноста е прв важен чекор за спречување и реагирање во случаите на семејно насилство. Но, исто така, важно е сите да понудиме институционална и вонинституционална поддршка за жртвите на насилство, секој на свој начин и во рамките на своите можности“, рече Трајковска.
Според податоците на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во периодот од 2022 до 2024 година биле вработени само осум од 100 жени Ромки. Неформираното образование и сиромаштијата остануваат главни пречки за нивно вклучување на пазарот на трудот.
Текстот Само осум од 100 жени Ромки се вработени, економската зависност ги изложува на поголем ризик од насилство е превземен од МАКФАКС.