Штип се крева на нозе! ГКК Штип ја брка првата суперлигашка победа, „Џексон“ ќе биде кошаркарски вулкан!

Штипската кошаркарска еуфорија е подготвена да го достигне својот врв! ГКК Штип денеска го очекува исклучително важен натпревар против екипата на КК Струмица, во салата на СРЦ „Џексон“, каде што домашните кошаркари ќе ја имаат поддршката од своите навивачи во обидот да стигнат до првата победа во кошаркарската Суперлига.
Мотивот кај штипските кошаркари е огромен, а желбата за прв суперлигашки триумф дополнително ја крева атмосферата пред овој дуел. Ова не е само уште еден натпревар, туку можност ГКК Штип да покаже дека има квалитет, карактер и поддршка за рамноправно да се надигрува со најдобрите.

Во Штип се очекува вистинска кошаркарска атмосфера, а најавите се дека трибините во „Џексон“ ќе бидат исполнети до последното место. Навивачите се повикуваат да дојдат во што поголем број, да го исполнат храмот на штипската кошарка и да бидат шестиот играч на домашниот тим.
На Штип му е потребна победа, на кошаркарите им е потребна поддршка, а токму публиката може да биде дополнителниот ветер во грб во моментите кога ќе се крши резултатот.