АХВ: Вакцините против овчата сипаница од турска компанија наскоро пристигнуваат во државата

Вакцините против овчата сипаница од турската компанија се очекува наскоро да пристигнат во државата, соопштија денеска од АХВ, по вчерашниот револт на сточарите поради доцнењето на вакцинацијата. Сточарите вчера најавија протести и побараа оставка од директорот на Агенцијата, потенцирајки дека по третпат не се исполнети ветувањата за обезбедување на вакцините. Од АХВ велат дека се завршени сите потребни административни и законски процедури, а испораката не зависи од Агенцијата ниту од Министерството. Веднаш по пристигнувањето на вакцините ќе започне итната вакцинација на овците на целата територија на државата, согласно одобрениот план. Од Агенцијата велат и дека во моментов привршуваат активностите за земање примероци за испитување на бруцелоза кај овците и козите.

„Вакцините се очекува да бидат испорачани од страна на турската компанија наскоро, и притоа истото не зависи ниту од Агенцијата ниту од Министерството. Во моментов се привршуваат активностите за земање примероци за испитување на бруцелоза кај овците и козите. Веднаш по пристигнувањето на вакцините ќе започне спроведувањето на итната вакцинација согласно одобрениот план за вакцинација, во координација со надлежните ветеринарни служби, со цел заштита на здравјето на животните и спречување на понатамошното ширење на болеста.“, велат од АХВ

Од агенцијата посочија дека сточарите дополнително биле информирани уште пред 2 месеци, како и на претходниот состанок одржан во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дека се чека одговор од Европската комисија да не се добие забрана за извоз и на јагнешко месо во ЕУ. Агенцијата ги информира сточарите да се придржуваат на биосигурносните мерки и навремено информирање за секоја промена на епидемиолошката состојба во одгледувалиштето.

Иван Митев, М-Нет