
61 заболено лице од грип и заболувања слични на грип се регистрирани во Македонија во периодот од 19 до 25 октомври 2026 година.
Надлежните здравствени институции потсетуваат дека навремената вакцинација е особено важна за заштита од сезонскиот грип и спречување на можните компликации. Досега, бесплатна вакцина примиле 5.041 лице од ризичните категории, а вакцинацијата продолжува и во наредниот период.
Од регистрираните 61 случај на грип и заболувања слични на грип, најголем дел, односно 41 лице, се на возраст од 15 до 64 години. Регистрирани се и 15 лица над 65 години, четири деца на возраст од 5 до 14 години и едно дете на возраст од 0 до 4 години. Во однос на територијалната распределба, најмногу случаи се пријавени во Куманово – 22, Прилеп – 11 и Гостивар – 9. Во Скопје и Струмица се евидентирани по шест случаи, во Тетово четири, во Кавадарци два, а во Свети Николе еден случај.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во текот на зимскиот период да ги почитуваат општите мерки за заштита од грип и други респираторни инфекции. Меѓу најважните препораки се избегнување поголеми собири и близок контакт со лица кои имаат симптоми на заболување, редовно миење и дезинфекција на рацете, како и редовно проветрување и соодветно затоплување на просториите.Дополнително, се препорачува топло и слоевито облекување, внесување доволно течности и консумирање разновидна храна богата со витамини и минерали, особено свежо овошје и зеленчук. Од Институтот посочуваат дека за одржување на добрата здравствена состојба важни се и здравите животни навики, вклучувајќи доволно сон и одмор, редовна физичка активност и намалување на стресот. Овие мерки можат да придонесат за намалување на ризикот од инфекции и зачувување на здравјето во сезоната на грип.
Ева Тушевска, М-Нет