Последен и проберен од сланата ајварски пипер се продава на пазарот во Штип, граѓаните при крај со зимницата

Последен проберен ајварски пипер се продава на штипскиот пазар, сланата веќе ги зафати насадите, па со тоа привршува и сезоната за производителите. Производители од Радовишко и Струмичко велат дека годинава цената била ниска, откупот слаб, па голем дел од родот им останал непродаден и скапал на нивите. На пазарите килограм пипер се продава од 30 до 50 денари, додека на откупните пунктови го откупувале за 15 до 20 денари. Велат дека догодина повторно ќе садат, но не во исти количини, бидејќи, како што велат, од земјоделието сè потешко се живее.

,,Ајварскиот пипер годинава помина катастрофално, цени од 30 до 50 денари, на пунктовите од 15 до 20 денари. Ова сега што го продаваме е последен пипер, веќе нема. Слана кај нас нема уште, но го проберивме, а половина скапа така на нивата. Зошто? Бидејки немаше откуп доволно, нема цени. Догодина ќе се сади, ама нема во волку количини. Имам наследници, ама не сакаат да работат, земјоделие тешко.“, велат производителите

Граѓаните велат дека зимницата веќе ја подготвиле, а останува уште да стават зелка во буре и да закопаат праз за зимата. Со тоа, велат, ќе ги завршат последните подготовки за претстојната зима.

Поради ниските откупни цени, производителите велат дека догодина ќе садат помалку, а нивните деца не сакаат да го продолжат семејниот бизнис. Велат, ако вака продолжи, земјоделството сè повеќе ќе останува без млади што ќе го работат.

Иван Митев, М-Нет